Репрезентациите на Хрватска и на Германија се сигурни патници во полуфиналето на Европското првенство во ракомет. Ова стана јасно откако во последното коло овие две селекции се радуваа на триумф.
Хрватска одигра три фантастични меча во главната фаза и победи на сите три. По триумфите над Швајцарија и Словенија, вечерва Коцкестите со пресврт славеа и над Унгарија, и тоа со 27:25. Со овој триумф Хрватска завршува со осум бода во групата и сигурно ќе биде првопласирана, без оглед на резултатот од последниот меч меѓу Швајцарија и Шведска.
Коцкестите до победата стигнаа до голем пресврт во второто полувреме. На почетокот од вториот дел Унгарија водеше со 18:14, но потоа следуваше фуриозна игра на Хрватите и со серија од 8:2, поведоа со 22:20. Во драматична завршница Коцкестите ја задржаа предноста и стигнаа до победа вредна полуфинале на ЕП.
Германија со 38:34 ја победи Франција и со осум бода е на првото место во групата, но доколку Данска слави над Норвешка, Панцерите ќе завршат како втори, што секако им носи место во полуфиналето.

