Хрватска сепак е пресилна за Македонија

Македонската ракометна репрезентација го претрпе првиот пораз на Светското првенство. Хрватска беше подобра од нашите ракометари и славеше со убедливи 31:22. И покрај овој неуспех, ништо не е загубено за Македонија, која до крајот од групната фаза ќе игра против Шпанија (в среда) и Исланд на 17-ти јануари.

Дејан Манасков со шест гола е најпрецизен во нашиот состав. Капитенот Кирил Лазаров застана на четири погодоци, а Талески, Пешевски и Кузмановски погодија по три пати. Стоилов даде два гола, а Георгиевски погоди еднаш.

Кај Хрватска најпрецизен беше Домагој Дувњак со шест погодоци, додека вардаровиот играч Игор Карачиќ даде четири погодоци. Одличен на голот на Хрватска беше и голманот Марин Шего со 12 одбрани, а даде и еден гол.

Хрватска уште од самиот старт поведе со 1:0, а нашите преку Манасков израмнија на 1:1. Потоа Хрватите поведоа со 4:2, а Македонија стигна до уште едно реми 4:4. Потоа следуваше серија на „коцкестите“ од 3:0 за 7:4 и контрола на резултатот. Македонија успеа да намали на 7:9, а потоа следуваше период во кој нашите ракометари повеќе од пет минути не дадоа гол, па Хрватите стигнаа до 13:7 во 25-тата минута. Конечно гол дадовме, и тоа по цепелинот на Георгиевски и Манасков, за намалување на 13:8. До крајот на првиот дел, Хрватска ја задржа предноста од пет разлика.

На почетокот на вториот дел, Хрватска повторно стигна до шест разлика 18:12, но потоа во следните четири минути следуваше серија на Македонија од 3:0 за 18:15 во 35-тата минута, а таа предност на Хрватска остана и во 43-тата минута (20:17). Голманот Борко Ристовски имаше неколку интервенции, но, за жал, тоа не успеавме да го искористиме во нападот. Во неколку ситуации дури се обидовме од гол на гол да погодиме, но не ја погодувавме празната мрежа на противникот, а тоа е недозволиво на вакви мечеви.

На минус три бевме и во 49-тата минута (22:19), кога утнавме напад за намалување на негативата, а потоа Дувњак погоди за 23:19. Во 53-тата минута Хрватска стигна до 26:20 и тоа беше згаснување на последна шанса за нашите ракометари да се обидат да го стигнат противникот.

- Оглас -

Најнови вести