Хулиганите тргнаа да го „рушат“ стадионот, финалето не се доигра (Видео)

Неславен крај имаше дуелот од Суперкупот меѓу Хуачипато и Коло Коло поради дивеењето на навивачите на трибините. Коло Коло имаше предност од 2:0 и беше пред освојување на трофејот кога на трибините токму нивните навивачи почнаа со хаосот.

Овие навивачи уште од самиот почеток почнаа да дивеат, да кршат столчиња и да фрлаат тврди предмети кон теренот. Поради тоа, полувремето траеше половина час, а кога малку се смири ситуацијата, почна и второто полувреме, кое, за жал, не заврши.

Во 80-тата минута започна лудилото, кое не можеше да биде сопрено.

Полицијата и обезбедувањето се обидоа да го тргнат транспарентот против поранешниот претседател на државата, неодамна починатиот Себастијан Пинера, кој беше и директор на клубот Коло Коло. Скандирања имаше и против актуелниот претседател на Фудбалската федерација, Пабло Милада.

Навивачите запалија столчиња кои беа на трибината, а судијата реши дека нема услови натпреварот да се доигра затоа што не може да се гарантира сигурноста на гледачите и фудбалерите.

До прекинот, Коло Коло имаше водство од 2:0, но сега е неизвесно како ќе биде регистриран овој меч, а сигурно е дека чилеанскиот гигант ќе добие жестока казна поради дивеењето на нивните навивачи.

Еден од двата гола за Коло Коло беше дело на легендарниот Артуо Видал, кој погоди од пенал за 2:0.

 

- Оглас -

Најнови вести