36.8 C
Skopje
среда, 13 август 2025

Хуманитарен тикет со најверниот навивач на Македонија, единствениот кој ги испрати и дочека фудбалерите на историскиот меч во Грузија

Горан Кипријановски е човекот кој со право може да го добие епитетот најверен навивач во македонскиот спорт. Популарниот Кипре е човекот кој речиси секогаш е заедно со националните репрезентации на Македонија во било кој од најпопуларните спортови. Бил дел од многу европски и светски првенства во кошарка, ракомет, фудбал, одбојка, а сега се подготвува за можеби најважниот настан, а тоа е настапот на фудбалската репрезентација на Македонија на Европското првенство. Денеска тој е гостин во рубриката „Хуманитарен тикет“ која ја организираме заедно со Sport Life, а евентуалната добивка ќе оди за Клиниката за детска хирургија.

„Уште како мал го засакав спортот и ги следам сите големи настани. Без разлика дали е кошарка, фудбал, ракомет или некој друг спорт, посебно ако игра Македонија, следам и навивам со цело срце. Повеќе од деценија, речиси и да немам пропуштено ниту еден голем спортски настан на кој игра Македонија, а јас да не бидам на трибините и во живо да навивам за нашата репрезентација“, вели Кипријановски.

Тој е човекот кој беше единствен што отиде до аеродромот во Скопје  да ги испрати фудбалерите пред историскиот меч со Грузија, а по победата и пласманот на ЕП, Кипре замина и да ги пречека на аеродромот во Приштина, каде што слета нашата експедиција. Сега ги прави последните планови за патувањето во Букурешт, каде Македонија ќе игра два од трите дуели на ЕП 2020 година.

„Фудбалерите се изненадија кога видоа дека некој дошол да ги испрати пред Тбилиси. Им беше навистина драго. Ги испратив со паролата: „Игравте со срце, Македонија е со вас“. Кога победија и се пласираа на ЕП, срцето не ми даваше, а да не отидам и да ги пречекам и во Приштина. Навистина заслужија да има барем еден навивач да ги пречека, иако е време на пандемија“, вели Кипре.

Кипре бил дел од најголемите македонски спортски успеси. Беше на Европското првенство во Литванија кога кошаркарската репрезентација на Македонија го победи домаќинот Литванија и стигна до полуфиналето. Беше дел и од историскиот настап на ракометарите на ЕП 2012, кога во Белград го освоија петото место. Кипре беше на трибините и во Полска на младинското фудбалско првенство 2017 година, кога играше Македонија У21. Го видовме и на ЕП во одбојка во Словенија, како и на многу други големи натпреварувања.

„Имам многу драги моменти од натпреварувањата на кои сум бил, но посебно би издвоил три, а тоа се Европското првенство во Литванија 2011, ракометното ЕП во 2012, како и младинското фудбалско првенство во Полска. Во живо го следев и историскиот меч против Литванија на кошаркарскиот евробаскет, а кога ги шокиравме домаќините, тие од што не можеа да се помират со поразот, веднаш го исклучија семафорот да не се гледа резултатот. Јас сепак успеав да се фотографирам со историскиот резултат“, се сеќава Кипре на убавите моменти.

ВИСТИНСКИ АМБАСАДОР И ПРОМОТЕР НА МАКЕДОНИЈА

На многуте патувања кои ги имал, Кипре има стекнато многу познанства, а и запознаено многу познати личности. Има фотографија со поранешната хрватска претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, со некогашниот полски претседател Лех Валенса, а од спортските легенди тука се Марко ван Бастен, Лари Бирд, Владе Дивац, Рој Кин, Џовани Трапатони и многу други.

Кипре често пати знае со себе да носи и рекламен материјал за Македонија, па да го дели во земјите во кои патува.

„Секогаш сакам да ги запознам луѓето со нашата Македонија. На Бисерка Петровиќ, мајката на легендарниот Дражен и подарив книги за Македонија, дрес од Македонија и ЦД со најубавите македонски народни песни. Таа за возврат ми подари кошаркарска топка направена специјално за јубилејот 50 години од раѓањето на Дражен. Дресови од македонските репрезентации им имам подарено и на таткото на Лука Дончиќ, на Раул Гонзалес и на уште многу други луѓе“, открива Кипријановски.

СПОРТСКИ МУЗЕЈ СО СТОТИЦИ СУВЕНИРИ ОД МНОГУТЕ ПАТУВАЊА

По многуте патувања и сувенири кои ги има, Кипре реши еден дел од својата работна канцеларија да ја направи во спортски музеј, кој ќе го потсетува на убавите времиња и радостите кои ги има со спортот.  

Кипре вели дека обожава да следи спорт, но ретко кога се обложува. Негов омилен тим е Атлетико Мадрид, а посебно сака да ги следи мечевите на екипите во кои има македонски фудбалери. Од европските првенства, најмногу следи мечеви од шпанското, англиското и италијанското првенство.

Неговиот хуманитарен тикет е со осум меча, а евентуалната добивка ќе биде наменета за Клиниката за детска хирургија.

 

 

- Оглас -

Најнови вести