Вардар загуби со 1:3 од Црвена ѕвезда во пријателски меч од хуманитарен карактер, одигран на Арената „Тодор Проески“. На трибините на стадионот имаше речиси 25.000 гледачи, со што е исполнета првата и главна мисија зошто беше организиран овој меч, а тоа е да се соберат средства за настраданите во трагедијата во Кочани.
Од спортски аспект, Вардар прв даде гол и поведе со 1:0 со погодокот на Михаил Маневски. Црвена ѕвезда сепак го покажа својот квалитет и до крајот на полувремето постигна два гола за водство од 2:1. Илиќ погоди за 1:1 во 41-вата минута, а потоа Катаи во 45-тата минута беше прецизен за водство на гостите.
Во вториот дел двата тима направија многу измени, а и во една таква ситуација, гостите беа доминантни на теренот. Во финишот на средбата, во 86-тата минута Сремовиќ погоди за 3:1 за Црвена ѕвезда и победа на српскиот првак.