Централниот дефанзивец на Барселона, Андреас Кристенсен, добил понуда од клубот за продолжување на договорот уште на две години, но со значително пониска плата од онаа што ја има во моментов.
Неговиот агент Симон Оливеира минатата среда се сретнал со спортскиот директор на Каталонците, Деко, во хотел во близина на тренинг-центарот на „Камп ноу“, каде што биле одржани првите разговори. Актуелниот договор на Данецот истекува во јуни, а тој треба да даде одговор до крајот на март.
Во моментов 29-годишниот Кристенсен е повреден, но се очекува наскоро да се врати на терените. Иако негов приоритет е да остане во Барселона, каде што тој и неговото семејство се многу задоволни, данскиот дефанзивец сака внимателно да ја разгледа и понудата од Каталонците, но и другите понуди што ги добил. Интерес за негов ангажман покажале неколку европски клубови, како и тимови од Саудиска Арабија.
Кристенсен пристигна на „Камп ноу“ во летото 2022 година како слободен играч од Челзи. Иако неговиот период во Барселона беше обележан со повреди, клубот високо ги цени неговите квалитети, флексибилност и посветеност.

