Хуманоста на дело: Игор Алексовски подари два телевизори, шпорет и други средства за децата од домот „11 Октомври“

Голманот на Работнички и на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Алексовски, го исполни ветувањето. Погодениот хуманитарен тикет и добиените пари во акцијата на Sport Life и СпортМанија ги искористи за да ги израдува децата во детскиот дом „11 Октомври“ во Скопје.

Денеска Алексовски беше во детскиот дом „11 Октомври“, каде што подари два телевизора, еден шпорет, донираше средства и за лекови за децата, плус уште некои други потребни материјали за функционирање на оваа установа.

„Кога бев средношколец, имав другар кој беше од овој дом. Кога тикетот излезе добитен, веднаш реков дека донацијата ќе биде во ’11 Октомври’. Мило ми е што можам да донесам малку насмевки на лицата на децата. Сите деца заслужуваат да бидат среќни и да имаат убаво детство, а ние возрасните треба да се обидеме да помогнеме во тоа“, рече Алексовски, чија вкупна донација е 39.000 денари.

Алексовски, кој е стандарден на голот на лидерот во македонското првенство, Работнички, и е дел од националниот тим, им порача на децата да бидат вредни, да веруваат во своите соништа и да се занимаваат со некој спорт.

Задоволство од оваа донација имаше и кај директорката на домот, Розетка Влаховиќ.

„Мило ми е што еден спортист, репрезентативец на Македонија се сетил да им помогне на децата во Домот. Децата кои се штитеници во ’11 Октомври’ се распоредени во четири куќи и секаде постојано има нешто што недостасува. Подолго време децата посакуваа андроид телевизори, а сега Игор тоа им го овозможи. Му благодариме од срце и се надеваме дека и останатите спортисти, но и сите други добри луѓе ќе помислат на овие деца на кои им е потребно малку за да ги направат да бидат посреќни“, рече директорката Влаховиќ.

- Оглас -

Најнови вести