Ливерпул минимално со 1:0 го победи Вулверхемптон во меч кој предизвика многу реакции поради судењето и начинот на кој се користи ВАР-технологијата. Садио Мане беше стрелец на единствениот гол, а само неколку минути подоцна на гостите им беше поништен погодок.
Во двете ситуации кои се случуваа само во неколку минути, главната улога ја имаше ВАР-системот. Погодокот на Мане најпрво беше поништен поради играње со рака на Адам Лалана, кој асистираше на стрелецот. Повторената снимка покажа дека Лалана играл со рамо и тоа е чиста ситуација.
Сепак, снимката покажува нешто друго. Во зачетокот на акцијата, дефанзивецот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк во обид да смири една топка, играше со рака. Судијата не ја прекина играта, а во продолжение на акцијата беше постигнат голот. Самиот Ван Дајк не демантираше дека играл со рака.
„Не се сеќавам, треба повторно да погледнам. Од вас слушнав дека имало поплаки за играње со рака. Мислев дека тоа беше за моментот дали Адам Лалана играл со рака. Што може да направиме, мечот заврши, голот е признаен и тоа е тоа“, рече Ван Дајк по дуелот.
,