Јувентус е на прагот на нова титула во Серија А, откако вечерва со комбиниран состав го декласира Удинезе со 4:1.
Моис Кин блескаше и комплетно ја оправда довербата од Масимилијано Алегри, а возврати со два гола, со кои Старата дама замина на одмор по првото полувреме.
Во продолжението Емре Џан погоди од пенал, а потоа прецизен беше и Блејз Матуиди за голема предност од 4:0 за домашниот состав. Удинезе намали со погодокот на Ласања во самиот финиш.
Јувентус остана без пораз и убедливо на врвот на табелата со 75 бодови на 11 меча до крајот на Калчото. Наполи заостанува за 19 бодови, но има меч помалку.
Патем, вечерва Јувентус успеа и да ги сочува главните ѕвезди за реванш дуелот во Лигата на шампионите со Атлетико Мадрид, што ќе се игра во Торино на 12.март.
Во ист термин, вечерва од 20.30 часот во премиерен меч од 25. коло во Бундеслигата Вердер во Бремен го победи Шалке 04 со 4:2.
Репрезентативецот на Косово Милот Рашица постигна два гола за домаќинот, а со по еден погодок му се приклучија Крусе и Харник. Двоен стрелец за Шалке 04 беше Емболо.