И Валенсија и Еспањол се против спорната одлука за „случајот Олмо и Пау Виктор“

Привремената дозвола која Вишиот спортски совет ја даде за фудбалерите Дани Олмо и Пау Виктор да може и понатаму да играат за Барселона, иако нивната регистрација е спорна и против финансискиот ферплеј, предизвикаа бура од негативни реакции кај другите клубови кои еден по еден објавуваат соопштенија со ставови контра таа одлука на советот кој е владино тело.

После Ла Лига и Атлетико Мадрид, се јавија и од Еспањол и Валенсија.

Од Валенсија порачаа дека одлуката донесена од Вишиот спортски совет е опасна и спротивна на ставот на Ла Лига и Фудбалската федерација на Шпанија, штетна за интегритетот на натпреварувањето, како и дека ги става на ризик основните столбови на економското управување, а се загрозува и Законот за спорт.

Во Еспањол сметаат оти е создаден многу опасен преседан и претставува закана за интегритетот на лигата. Од клубот побараа да се разгледа оваа резолуција која генерира несигурност и ги загрозува принципите на еднаквост и правичност на конкуренцијата.

Се бара објаснување од Владата бидејќи одлуката е донесена без да се земат во предвид критериумите на Кралската шпанска фудбалска федерација (РФЕФ) и Ла Лига.

Јасно е дека повеќето, или речиси сите се против оваа одлука, а сигурно е дека нема да има реакција од најлутиот ривал на Барселона, Реал Мадрид. Барса е клучен партнер на Реал околу создавање на Суперлига независна од УЕФА и не сакаат да влегуваат во конфликт со Каталонците.

- Оглас -

Најнови вести