Ибра ги кажа своите услови и порача: Јас ја правам разликата во тимот, ѝ давам душа на оваа депресивна група

Милан е тимот кој воодушевува со своите игри, но штета за Росонерите е тоа што веќе е крај на првенството. Гигантот од „Сан Сиро“ е во одлична форма, нема пораз 11 меча (осум победи и три нерешени) и успеа да се избори за излез во Лигата на Европа.

Како клучен фактор за ваквата игра дефинитивно е доаѓањето на Златан Ибрахимовиќ. Легендарниот голгетер на почетокот на годината се врати во дресот на Милан и покажа дека уште е незадржлив иако има 38 години. Во 17 одиграни средби, Ибрахимовиќ даде девет гола, а има и пет асистенции. Синоќа во победата на гости кај Сампдорија со 4:1, Ибра постигна два погодоци.

Челниците на Милан се свесни дека токму Златан е фудбалерот кој ја прави разликата на теренот и сигурно сакаат да го задржат и во следната сезона, но Швеѓанецот има свои услови. Според најавите, Ибра бара годишна плата од 4,5 милиони евра, што секако е неверојатна сума за ветеран кој за три месеци ќе полни 39 години. Сепак, фудбалерот има објаснување зошто е потребно толку голема плата за него.

„Најподготвен сум во целата екипа, јас ја правам разликата на теренот, а ѝ давам и душа на една депресивна група. Подготвен сум да ја продолжам соработката, но морате да ме третирате како лидер и, секако, така да ме платите“, рекол Ибрахимовиќ на состанокот со челниците на клубот.

Се очекува првите луѓе на клубот да ги прифатат барањата на Ибрахимовиќ затоа што се покажа дека токму тој ја прероди екипата.

- Оглас -

Најнови вести