Играчите од Јамајка донесоа победа за Брегалница против Работнички, Шкупи се спаси од пораз во Кавадарци

Екипата на Брегалница продолжи со добри игри на домашен терен откако со 2:1 славеше над Работнички во меч од 10 коло на прва фудбалска лига на Македонија. Интернационалецот од Јамајка, Колин Андерсон донесе радост за домаќините со погодок во 15 минута, а Мазари израмни во 31 минута.

Во второто полувреме, односно во 72 минута нова радост за штипјани донесе второто засилување од Јамајка, Роналдо Вебстер кој погоди за 2:1. Токму овој погодок на Вебстер се покажа како доволен за три бода на Брегалница, која сите 13 поени освоени во досегашниот дел од сезоната се на домашен терен.

Тиквеш и Шкупи одиграа 1:1, во меч на кој домаќините може да жалат што не го освоија целиот плен. Спахиу донесе радост за кавадарчани со голот во 22 минута, но само 15 минути подоцна израмни Воша со еден необичен погодок. Во второто полувреме Тиквеш имаше неколку добри шанси за втор погодок, но домаќините не успеаа да ја затресат мрежата на Шкупи и на крајот двата тима освоија по еден бод.

Двете екипи кои од Втора влегоа во Прва лига, Воска Спорт и Гостивар освоија по три бода. Воска на „Билјанини извори“ во Охрид победи со 2:1 против Македонија Ѓорче Петров, додека Гостивар изненадувачки си замина со три бода од гостувањето во Струмица против Брера.

- Оглас -

Најнови вести