Играчот на Арсенал лут на соиграчите: Треба да се има м*да за важни мечеви, ние не заслужуваме ЛШ

Арсенал загуби на гостувањето кај Њукасл со 2:0 и на тој начин Топчиите речиси ги загубија шансите за посакуваното четврто место на табелата во Премиер лигата, кое води настап во Лигата на шампиони за следната сезона. Арсенал остана на 66 бода, два помалку од градскиот ривал Тотенхем, а до крајот на првенството има само уште едно коло, во кое Тотенхем доволно е да не загуби за да биде дел од ЛШ.

Гранит Џака кој едно време беше и капитен на Арсенал, беше многу лут по поразот од Њукасл. Тој директно нападна дел од соиграчите дека се виновни за поразот, но не спомна имиња.

„Од првата до последната минута изгледавме како некои кои не заслужуваат. Не игравме според планот, не го слушавме тренеро. Не знам зошто беше така. Со ваква игра не заслужуваме да играме во Лигата на шампиони, ниту во Лигата на Европа. Не знам зошто не го правиме тоа што тренерот го бара од нас. Ако не си подготвен за меч, остани дома. Без разлика колку години имаш. Ако си нервозен, остани на клупата за резерви или дома. Треба да се има м*да да се излезе тука и да се игра. Ова беше еден од нашите најважни мечеви и им се извинувам на навивачите“, рече лутиот Џака.

Веднаш по оваа изјава на Џака, со реакција се огласија и некогашните ѕвезди на Манчестер јунајтед и Ливерпул, Гери Невил и Џејми Карагер, кои го „нападнаа“ Џака.

„Секој има право да се лути на соиграчите во соблекувалната. Се надевам дека не ги критикуваше само младите играчи. Тој самиот знае да биде очајно лош на теренот“, рече Невил, а потоа Карагер додаде: „Лесно е да се биде силен на зборови за време на интервју, но таков треба да се биде и на терен. Тој критикуваше неколку млади фудбалери и некои кои се недоволно подготвени. Мене ми се допаѓа кога некој е искрен, но лесно е тоа. И Џака беше дел од овој тим“.

 

- Оглас -

Најнови вести