Францускиот фудбалер Давид Нгог објави дека ја прекинуваа фудбалската кариера на 31 година и тоа само 4 месеци откако потпиша договор со литванскиот Жалгирис.
Некогашната голема надеж на францускиот фудбал ја почна кариерата во Пари Сен Жермен, а потоа беше член и на англискиот гигант Ливерпул.
Со шесткратниот европски првак гостуваше во Скопје, во јули 2010 година и пред полн стадион беше главната ѕвезда во комбинираниот тим на Ливерпул.
Нгог тогаш имаше само 21 година и беше најавуван како еден од најголемите европски таленти, а со два гола речиси сам го победи Работнички на нашата национална арена во првиот меч од третото квалификациско коло за настап во Лигата на Европа.
Ливерпул победи на двапати со по 2:0, а Давид беше стрелец на три од четирите погодоци против македонскиот претставник.
Нгог ги мина и сите младински категории во репрезентацијата на Франција, но потоа некако почна да бледее неговата фудбалска ѕвезда. За А селекцијата на Триколорите не одигра ниту еден меч, а беше во преговори со Камерун да настапува за нив, но и од тоа не бидна ништо, најмногу поради барањето на играчот за Мундијалот во 2010 година да има загарантирано место во првата постава на една од најсилните африкански селекции.
Таквиот услов не беше прифатен од тогашниот селектор на Нескротливите лавови, Пол ле Гвен, кој му е сонародник на Нгог, па Давид не одигра ниту еден меч како сениорски репрезентативец на Франција, или Камерун.