Иконата на двојниот европски првак Вардар, Тимур Дибиров најави дека ја игра последната сезона во „црвено-црниот“ дрес и дека ќе си замине по завршувањето на актуелниот циклус на натпревари.
Во интервју за „Само ракомет“, крилото на Вардар објави дека одлуката е конечна и дека ќе игра ракомет само уште една сезона.
„Ја играм последната сезона за Вардар и тоа е моја одлука. Мечот со Веспрем во Скопје беше мојот последен во Лигата на шампионите. Сега сакам само да одиме во Битола и да го победиме Пелистер, да ја освоиме титулата и на тој начин да се простам со Вардар“, изјави Дибиров.
Тимур беше еден од столбовите во невидениот успех на Вардар и двете освоени титули во Лигата на шампионите во Келн во 2017 и во 2019 година.
Рускиот ракометен ас е и еден од најдобрите стрелци во Лигата на шампионите со над 1.000 постигнати голови.