Реал Мадрид би сакал средниот ред да го освежи со аргентинскиот репрезентативец и фудбалер на Ливерпул, Алексис Мекалистер.
Кралскиот клуб сезонава ги чувствува последиците од пензионирањето на Тони Крос, во средниот ред немаат таков тип на играч, блиску до пензија е и ветеранот Лука Модриќ, па претседателот Флорентино Перез се обидува да ја олесни промената на генерациите и да најде нови долгорочни решенија за средниот ред.
Според шпански медиум, една од мети е 26-годишниот Мекалистер кој во Ливерпул пристигна од Брајтон пред година и пол за 40 милиони евра. Од неговото доаѓање во Ливерпул неговата вредност се зголеми и сега според Трансфермаркт изнесува 80 милиони евра.
Мекалистер е еден од најважните шрафови во машината наречена Ливерпул, има способност да ја диктира играта, да го врати поседот, дисциплиниран е, помага и во одбрана и во напад.
Во случај Реал да сака да го ангажира, сигурно е дека ќе треба да плати околу 100 милиони евра бидејќи се работи за играч кој штотуку влегува во своите најдобри години.