Им лежат Турците, Ливерпул и Белград, а сонуваат реприза на 2018 година – Незаборавни 8 дена за Реал Мадрид, целта се двете највредни титули

Реал Мадрид е убедливо најуспешниот клуб во Европа во двата најпопуларни спортови, фудбалот и кошарката, а вечерва ќе ја почнат слатката мисија за остварување на сонот за нови пехари во Евролигата и потоа и во Лигата на шампионите.

Овој мај може да биде незаборавен за мадридистите и во кус рок од само 7 дена, од денеска до 28. мај во пребогатата клупска колекција на гигантот да се сместат уште два вредни пехари.

Од 19 часот вечерва Реал ќе игра против актуелниот првак на Европа, Анадолу Ефес за пехарот во кошаркарската Евролига.

Ако успеат, избраниците на Пабло Ласо по 11-ти пат ќе бидат европски прваци, што ќе биде само подобрување на рекордот на Стариот континент.

Во Белград се игра големото финале и може да биде прекрасна најава за уште еден голем трофеј на Реал, тој во фудбалската Лига на шампиони.

Кралскиот клуб ќе има прекрасен финиш на мај и на 28. ќе игра против Ливерпул, повторно за подобрување на апслутен рекорд и за 14-та шампионска круна во Европа.

Интересно е што досега двојно славје од вкупно 23 пехари во европската кошарка и фудбал имало само во 2018 година, кога Реал г покори Стариот континент со освојување на двете титули.

Историјата е многу интересна и на 20. мај во Белград, каде што и сега се игра финалето, Реал го победи турскиот тим Фенербахче со 85:80 во големото финале за јубилејната и рекордна 10 кошаркарска титула во Европа.

Сега ривал пак ќе им биде турски тим, но овојпат Анадолу Ефес, кој исто така е од Истанбул, како и Фенербахче.

И за да биде докрај симболично пред четири години на 26. мај во фудбалското финале ривал им беше Ливерпул, но во Киев, и Реал победи со 3:1 за рекордната 13-та фудбалска титула во Европа.

На 28. мај пак ќе играат за европската фудбалска круна против истиот ривал, Ливерпул, но сега во Париз на „Паркот на принцовите“.

Сонот на мадридистите е да се повтори успехот од 2018 година, а за тоа им треба најпрво победа вечерва против Ефес и потоа и на 28. мај против Ливерпул во двата најпопуларни спорта на планетата.

Ефес ќе игра вечерва за втората шампионска круна, а Ливерпул ќе се обиде да го освои седмиот пехар во фудбалската Лига на шампиони.

 

Листа на шампионските титули на Реал Мадрид по години во кошарка и фудбал:

 

Кошарка

1964, 1965, 1967, 1968, 1974, 1978, 1980, 1995, 2015, 2018

 

Фудбал

1956, 1957, 1958, 1959, 1960, 1966, 1998, 2000, 2002, 2014, 2016, 2017, 2018

 

- Оглас -

Најнови вести