Катастрофалното судење на македонските фудбалски терени продолжува. Откако во саботата реагираа екипите на Македонија ЃП и Тетекс за недосудени пенали, а минатата среда оштетена беше и екипата на Воска на дуелот против Струга, кога актуелниот шампион на Македонија доби на подарок непостоечки пенал во 97-мата минута, сега повторно во центарот на вниманието се стружани.
На една од фејсбук-страниците кои го носи името на ФК Брегалница од Штип е објавено видео од поништениот погодок на штипјани во 95-тата минута против Струга, и тоа за израмнување на 2-2.
Очигледно дека фудбалерот на Брегалница кој го постигнува погодок не е во недозволена офсајд-позиција и одзади влегува на додадената топка, но тоа за вториот асистент на Александар Ставрев, Бранко Путилин, е недозволена позиција и го поништува погодокот на Брегалница.
По низата на грешки и спорни одлуки на судиите во толку краток временски период, сосема оправдано се поставува прашањето зошто ФФМ, односно судиската комисија, објавува само анализа на судењето и информира дали е донесена исправна или неисправна одлука, а не се објавуваат и санкциите за судиите за тие грешки?