Македонската кошаркарска репрезентација во Скопје ја совлада Унгарија со 82-75, и не дозволи претквалификациите за СП 2027 да ги заврши без ниту една победа. Нема да играме во квалификациите, но овој млад тим покажа дека никогаш не се предава против посилни од себе и можеби во иднина ќе се вратат подобрите резултати.
Финишот на првата и почетокот на втората четвртина беа периодот во кој македонската репрезентација направи голема серија од 13-0 по која дојде до двоцифрена предност (25-15), ситуација во која првпат се најде во овие претквалификации.
На полувреме имавме предност од 45-32 и се насмевнуваше првата победа на официјален меч откако Марјан Илиевски е селектор.
Унгарците добро го отворија второто полувреме и за две и пол минути намалија на 40-45, но Македонија го одби нападот со разновидна игра во нападот и поени од повеќе различни играчи,в па во 27-ма минута имавме 55-44.
Во последната четвртина влеговме со убедливи 64-50.
Унгарците имаа многу загубени топки, а и во скокот не беа доминантни, што нашите момци во жолто-црвени дресови знаеја да го искористат.
Џејкоб Вајли со 23 поени беше најефикасен во македонскиот тим, а „икс фактор“ беше Виктор Ташовски со 14 поени, но сите што влегоа во игра дадоа свој придонес и ова е тимска победа.