Има уште еден Халанд во европските фудбалски лиги и игра во белгискиот Гент, а еднакво немилосрдно ги тресе мрежите како и норвешката сензација во дресот на Борусија Дортмунд.
Канаѓанецот Џонатан Дејвид е само шест месеци постар од 19-годишниот Халанд, а и тој е вистинска машина за голови. Во неделата постигна три за Гент во победата против Сен Труден од 4:1.
Дејвид е прв стрелец во Жупилер лигата во Белгија со 18 гола на 25 меча, а постигна и уште 11 за националниот тим на Канада во последните 12 натпревари, или вкупно има 29 погодоци на 37 натпревари оваа сезона, што е одличен ефект.
И патот на двајцата големи фудбалски таленти, Халанд и Дејвид, е сличен. Родени се во иста година, во 2000, Норвежанецот во јануари, Канаѓанецот во јули. Се докажуваа надвор од Топ-5 лигите, а Халанд веќе стигна на големата сцена и игра за Борусија Дортмунд, нешто што наскоро се очекува и од Џонатан.
Веќе има голем интерес за црномурниот шпиц на Гент, и тоа најмногу од клубови од Бундеслигата, а не би било чудно, како што објавуваат германските медиуми, и двајцата да играат заедно за популарните Милионери од Дортмунд.