Левиот бек Арчи Браун би можел да стане една од најубавите приказни на летниот преоден рок.
Овој 23-годишен англиски фудбалер со јамајканско потекло, кој настапува за белгиски Гент, преговарал со Милан и Фенербахче, а по него истовремено пристигнале два приватни авиони, еден од Италија и еден од Турција.
На крајот, Браун донел одлука да го одбие Милан и да се пресели во редовите на Фенербахче, каде што ќе работи под водство на Жозе Мурињо. Веста ексклузивно утрово ја потврдија турските медиуми, кои открија дека играчот е веќе на пат кон Истанбул.
Клучна улога во трансферот одиграл токму Мурињо, кој лично го повикал Браун и добил ветување дека ќе се приклучи на Фенер. Турскиот клуб потоа веднаш испратил приватен авион за да го донесе од Белгија.
Сумата за отштета не е прецизирана, но според медиумите не би требало да надмине 10 милиони евра.
Арчи Браун ќе биде уште едно важно засилување за тимот на Мурињо, по доаѓањето на Џон Дуран, а се шпекулира и дека наскоро би можел да пристигне и Марко Асенсио од Пари Сен Жермен.
Турските клубови продолжуваат да импресионираат во летниот преоден рок. Галатасарај веќе го доведе Лерој Сане, близу до реализација е трансферот на Виктор Осимен, а се поврзува и со Хакан Чалханоглу.