Кој и да ја крене Златната топка вечерва, Осман Дембеле или Ламин Јамал, тоа ќе биде заслужено. Вака размислува поранешниот играч од средниот ред на Барселона, Андрес Иниеста.
Стрелецот на историскиот гол со кој Шпанија ја освои светската титула во 2010 година ќе биде присутен на церемонијата во Париз, каде што ќе врачи една од наградите – за најдобрата фудбалерка во светот. Во трката за Златната топка кај дамите има дури шест фудбалерки на Барса, предводени од актуелната број еден, Аитана Бонмати. Лани Топ 3 кај жените беше составен исклучиво од фудбалерки на каталонскиот клуб.
Иниеста, пак, во својата блескава кариера никогаш не ја освои Златната топка. Најблиску беше во 2010 година, кога заврши на второто место зад Лионел Меси.
Четириесет и едногодишниот Иниеста се повлече од професионалниот фудбал точно пред една година.