Интер го утна датумот – На 8 Март се знае, може да слави само Старата дама

По многу неизвесност, одложување, дилеми да се игра со публика или не, Јувентус и Интер синоќа го одиграа Дербито на Италија. Иако немаше публика на стадионот во Торино, срцата на навивачите на Јувентус беа полни затоа што актуелниот првак славеше со 2:0. Оваа победа го врати Јувентус на врвот на табелата во Серија А со 63 бода, еден повеќе од Лацио, додека Интер сега заостанува девет бодови, но Нераѕурите имаат и меч помалку.

Дербито меѓу Јувентус и Интер требаше да се игра на 1 март, но беше одложено поради стравот од Коронавирус, односно желбата мечот да се игра пред гледачи, а не како што беше првичната најава пред празни трибини. По одложувањето на првичниот термин, се појавија најави дека дуелот ќе се игра во средината на мај, односно по завршување на последното коло.

Од Интер негодуваа зошто е мечот одложен и дека ако било решено да се игра без публика, таа одлука треба да се почитува, а не да се преместува за во мај, кога евентуално требаше да се игра со присуство на гледачи. По еднонеделна драма за тоа кога треба да се игра Дербито на Италија, конечно падна одлука дека одложените мечеви треба да се одиграат викендов пред празни трибини, а потоа да нема гледачи ниту во следното коло.

ИНТЕР СЕ БУНЕШЕ ДА НЕ ИГРА ВО МАЈ, АМА ПАК ДАТУМОТ НА КОЈ ИГРАШЕ ИЧ НЕ МУ СЕ ПОГОДИ

Датумот за Дербито беше одбран, 8 март, односно Денот на жената. Од Јувентус немаа забелешки за тоа и прифатија да играат пред празни трибини, како што првично беше одлуката. Навивачите на Интер оптимистички ги испратија своите миленици кон Торино со надеж дека ќе може да стигнат до победа на гостување на кое 15 години не се радувале во Серија А.

Јувентус и без поддршка од трибините беше подобар тим, имаше контрола на играта и даде два гола, кои само му покажаа на Интер кој е првак. Ова е петти меч во низа во Серија А на кој Интер не може да му даде гол на Јувентус во Торино, а не па да се надева на победа.

Ако се гледа според симболиката на датумот на кој се одигра мечот, 8-ми Март, едноставно Интер го утна датумот. На овој датум никој не смее да ја вознемирува Старата дама од Торино, која покажа дека знае да се радува и без помош на навивачите.

РЕАЛ МАДРИД ЏАБЕ ПОБЕДИ ВО ЕЛ КЛАСИКО

Еуфоријата на Реал Мадрид по победата над Барселона во Ел Класико не траеше долго. Кралскиот клуб уште еднаш покажа дека сезонава игра со многу осцилации. На гостувањето во Севилја, Реал загуби од Бетис со 2:1, а на тој начин го загуби и првото место во Примера.

Една недела траеше радоста на Реал како предводник на табелата во Шпанија. Пред Ел Класико, Барселона имаше два бода повеќе од Реал, а по триумфот на „Сантијаго Бернабеу“, приматот го презеде најтрофејниот шпански клуб. Една недела подоцна, Барселона се намачи, но победи против Сосиедад со голот од пенал на Лионел Меси, а Реал загуби кај Бетис.

Сега ситуацијата на табелата е повторно Барселона да има два бода пред Реал, како пред Ел Класико. Едноставно, како да беше џабе толку значајната победа на Кралевите во дуелот со вечниот ривал. Борбата во Шпанија очигледно ќе продолжи до последното коло.

 

- Оглас -

Најнови вести