Интер Мајами утринава со 3:1 го совлада Нешвил во реванш-натпреварот од осминафиналето од Конкакаф купот и се пласира меѓу осумте најдобри.
Првиот меч заврши без победник 2:2, а најзаслужни за победата во реваншот се Лионел Меси и Луис Суарес, кои потсетија на времето кога како играчи на Барселона беа страв и трепет за противничките одбрани.
Интер Мајами пак е сосема поинаков тим кога игра Меси. На последниот дуел на Интер, тренерот Тата Мартино му даде одмор на Меси, додека Суарес влезе во второто полувреме, а тимот загуби со 2:3 од Монтреал во МЛС-лигата.
Уругваецот во осмата минута го отвори резултатот со асистенцијата на Аргентинецот, а 15 минути подоцна, токму Меси се запиша во листата на стрелците.
Дилемите околу победникот беа решени во 63-тата минута, кога по уште една асистенција на Суарес, Тејлор погоди за 3:0. Во судиското продолжение, Стариџ постигна почесен гол за Нешвил.
Противник на Интер Мајами во четвртфиналето на Конкакаф купот ќе биде подобриот од дуелот меѓу Монтереј и Синсинати. Првиот дуел заврши со минимален триумф на Монтереј.