Интер Мајами и Меси ноќеска ќе го играат најважниот меч во клупската историја!

Лионел Меси и Интер Мајами се на еден чекор од испишување на историја. Клубот кој никогаш нема освоено ниту еден важен трофеј, ноќеска (3 часот наутро), ќе го игра првото големо финале, во обид да стигне до трофејот од Лига Купот. Нешвил е ривалот на Интер Мајами, а финалето се игра на теренот на противникот.

Интер Мајами беше еден од најслабите екипи во МЛС и никој воопшто не го ставаше во фаворитите за освојување на Лига Купот, но сето тоа се смени по доаѓањето на Меси. Аргентинецот дебитираше токму во првиот меч од Лига купот и тоа против Круз Азул, а Меси даде феноменален гол од слободен удар за победа во 90+2 минута.

Од тој момент почна доминацијата на Интер Мајами. Следуваа победите над Атланта (4:0), Орландо (3:1), Далас (4:4, па победа на пенали), Шарлот (4:0) и Филаделфија (4:1), а сега останува уште финалето и тоа против Нешвил.

Покрај Меси, во Интер Мајами се и пријателите на Аргентинецот, Жорди Алба и Серхио Бускетс со кои освојуваа многу трофеи додека играа заедно во Барселона. На последните пет меча на Интер Мајами, секогаш имало барем 4+ погодоци.

Нешвил и Интер Мајами имаат одиграно осум натпревари и билансот е четири победи за Нешвил, два триумфи на Интер и два меча кои завршиле нерешено. Тренерот на Нешвил, Гери Смит е свесен дека Интер Мајами е сосема поинаков тим во последниот месец, од тоа што бил претходно.

„Играат многу добар фудбал. Постигнуваат многу голови. Едноставно овој тим е непрепознатлив од тоа што беше пред само еден месец. Никогаш во мојата фудбалска кариера немам видено таква трансформација на еден тим како што тоа го гледам во Интер Мајами“, рече предводникот на Нешвил, Смит.

Освен финалето, ќе се игра и мечот за третото место меѓу Филаделфија и Монтереј.

- Оглас -

Најнови вести