Интер уште долго ќе биде со меч помалку од ривалите, битката за Скудетото ќе се решава во мај

Заостанатиот натпревар од италијанската Серија А помеѓу Болоња и Интер нема да се одигра пред 27 април. Овој меч е важен во битката за титулата во Италија бидејќи разликата меѓу водечките четири екипи на табелата е седум бода.

Интер е трети и има четири бода помалку од Милан, но ако ја добие Болоња, би дошол само на бод. Сепак, како што стојат работите, Интер ќе треба да почека.

Актуелниот италијански првак бара службена победа од 3-0. Овој меч на „Ренато дал Ара“ требаше да биде прв во 2022 година, но не се одигра поради многу заразени играчи на Болоња со корона-вирусот. На хартија, Серија А официјално не го одложи мечот, играчите на Интер се појавија на терен и по 45-минутно чекање, стана јасно дека нема ништо од играње.

Домашните не смееја да излегуваат од дома и не дојдоа на стадион. Но, Болоња направи една грешка, во системот на Лега калчо регистрираше состав на еден ден пред мечот и затоа Интер смета дека требало да се игра и бара службена победа.

Во февруари, спортскиот суд го одби барањето на Интер, па сега Нераѕурите се жалат до Олимпискиот комитет на Италија. Ќе биде потребно околу еден месец за да се соберат и да се разгледаат сите документи и затоа овој меч не може да се одигра пред 27 април. Лигата треба да заврши на 22 мај.

- Оглас -

Најнови вести