Интер води со 2:0 против Милан по првото полувреме од првата полуфинална пресметка во Лигата на шампионите, иако според прикажаната игра на „Сан Сиро“, водството можеше да биде поубедливо.
Нераѕурите фуриозно го започнаа популарното Дерби дела Мадонина и само по 11 минути игра, поведоа со 2:0. Прво, во осмата минута, по изведениот корнер на Хакан Чалханоглу, најдобро во шеснаесетникот на Милан се снајде Един Џеко, кој од пет метри ја смести топката во мрежата на Мањан. Голот на Џеко може да го погледнете ТУКА.
Само три минути подоцна, одличната акција со гол ја круниса Хенрик Мхитарјан. Голот на Мхитарјан може да го видите на следниот ЛИНК.
Нераѕурите само пет минути подоцна имаа шанса да го декласираат градскиот ривал, но шутот на Чалханоглу ја погоди стативата.
Во 30-тата минута, судијата Хесус Манцано досуди пенал за Интер по стартот над Лаутаро во шеснаесетникот на Милан. Но, по сугестија на ВАР-собата, судијата го прегледа спорниот момент и ја поништи претходната одлука.
Во првиот дел, Росонерите не упатија ниту еден удар кон голот на Онана.

