Лука Модриќ повеќе од една деценија е еден од најдобрите играчи во тимот на Реал Мадрид. Од играта на Хрватот зависеа многу работи во играта на Кралскиот клуб, а токму Модриќ беше „мозокот“ во сезоните кога Реал доминираше посебно во Лигата на шампионите.
Модриќ во септември ќе наполни 40 години и тој е еден исклучок за играч кој е толку стар да игра за Реал Мадрид. Со настапите оваа сезона, Модриќ постави неколку рекорди, барем кога се работи за годините што ги има.
Веќе неколку месеци е дилемата дали Реал ќе направи нова отстапка и ќе му дозволи на Модриќ да игра и следната сезона затоа што актуелниот договор на креаторот на играта завршува на крајот од оваа сезона, односно на 30 јуни.
Од Реал сепак се решија да му го продолжат договорот на Модриќ, но тоа ќе биде само за еден месец. Покрај Модриќ, ваков договор доби и Лукас Васкес. Причина за овие едномесечни договори е тоа што Реал летово ќе игра на Светското клупско првенство.
„Договорите на Модриќ и Васкес се продолжени до крајот на јули за да може да играат на Светското клупско првенство“, стои во текстот на „Ас“.
Клупското светско првенство ќе се игра од 14 јуни до 13 јули во САД. Ова ќе биде прво вакво натпреварување со нов формат и ќе учествуваат дури 32 екипи од целиот свет.