Инѕаги: Ова боли многу, не можам да зборувам за мојата иднина

Фудбалерите на ПСЖ во Минхен остварија историска победа над Интер (5-0) и го освоија првиот трофеј шампион на Европа во историјата на клубот. Парижаните веќе до 20-тата минута имаа предност од два гола благодарение на Ашраф Хакими и Дезире Дуе. Во второто полувреме Дуе го постигна својот втор гол, а му се придружија и Квича Кварацхелија и Сени Мајулу.

Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, стигна до својот втор трофеј во Лигата на шампионите, откако претходно ја освои титулата со Барселона во 2015 година. Со тоа стана седмиот тренер кој ја освоил Лигата на шампионите со два различни клуба и вториот што ја освоил двојната круна двапати, покрај Пеп Гвардиола.


Од другата страна, тренерот на Интер, Симоне Инѕаги, остана без трофеј оваа сезона, иако Интер се бореше за титулата во Серија А, играше финале на Лигата на шампионите и полуфинале на Купот на Италија.

„Дадовме сè од себе на 58 натпревари. На овој пат сме уште од 13 јули, и затоа не ми изгледа соодветно сега да зборувам за иднината. На стадионот дојдоа многу наши навивачи надевајќи се дека ќе го заокружиме ова патување, но како и пред две години – не успеавме токму во најважниот натпревар“, започна Инѕаги и продолжи:

„Веќе сме поминале низ вакви ситуации. Финалињата оставаат трага, но мора да се вратиме посилни.“

На прашањето дали ќе го води Интер и на Светското клупско првенство следниот месец, одговори:

„Не знам што да кажам на тоа прашање.“

„Излегов пред новинарите од учтивост и почит. Овој пораз многу ме натажи, ова боли. Од поразот се излегува посилен. Звучи како клише, но веќе поминавме низ тоа и потоа ја освоивме титулата. Останува горчина. Но, мора да ја кренеме главата, бидејќи игравме против тим кој заслужено победи“, заклучи Инѕаги.

- Оглас -

Најнови вести