Иранска амбасада демантира дека Кристијано ќе бил камшикуван ако влезел во Иран

Информациите дека најдобриот стрелец во историјата на фудбалот, Кристијано Роналдо, не одлетал во Иран со тимот на Ал-Наср на осминафиналето на азиската Лига на шампиони, бидејќи му се заканувала казна во вид на 99 удари со камшик за кршење на локалните закони, не се точни, соопшти иранската амбасада во Рим.

Роналдо го пропушти натпреварот со ирански тим Естеглал (заврши 0-0) во Техеран, а откако италијански медиуми објавија дека португалската ѕвезда не отпатувала во Иран за да избегне 99 удари со камшик за прегрнување и бакнување на локална уметничка со посебни потреби која наслика портрет на Кристијано во 2023 година, се јавија од иранската амбасада во Рим.

Според амбасадата, објавената вест „не е во согласност со професионалната етика“.

„Одлуката да не се користи играчот на натпреварот Ал-Наср во Иран е донесена исклучиво од медицински причини поради полесна повреда на Кристијано Роналдо, со цел да се избегнат компликации. Ова можеше лесно да се потврди со контактирање на претставниците на клубот пред италијанските медиуми да ја пренесат лажната вест. Истрагата на иранското правосудство покажа дека тврдењето дека на Кристијано Роналдо му се закануваат 100 удари со камшик е медиумска измама и не е донесена судска одлука за ова прашање“, се вели во соопштението на амбасадата.

 

- Оглас -

Најнови вести