Ирански фудбалер казнет со 12.000 долари затоа што гушнал навивачка

Фудбалерот на иранскиот Естеглал, Рамин Резаејан, е парично казнет со голема сума затоа што јавно прегрнал навивачка.

Пред натпреварот од 14-тото коло на иранското првенство против Шадормалу, кој се одигра на 26 декември, една навивачка се прикраде во автобусот на тимот на Техеран и го прегрна фудбалерот. Овој момент беше фатен на камера и поради тоа, етичкиот комитет на Иранската фудбалска федерација му изрече казна на Резаејан во износ од 510 милиони ријали (околу 12 илјади долари), сметајќи дека неговите постапки се неспортско однесување.

Ова не е првпат играч на Естеглал да добие казна. Во април голманот Хосеин Хосеини доби и парична казна и суспензија од еден меч поради гушкање со жена од обезбедувањето.

Таквата интеракција во Иран се смета за сериозно прекршување на строгите исламски закони кои конкретно забрануваат мажи и жени кои не се во брак да се впуштаат во каква било форма на физички контакт во јавноста.

Резаејан има над 60 настапи за националниот тим на Иран, а има играно и за клубови од Белгија и од Катар.

- Оглас -

Најнови вести