Исландската ракометна репрезентација е најголем губитник по завршување на главната групна фаза од Европското првенство. Исланд заврши на третото место во групата со шест бода и остана зад Франција и Данска, кои завршија на првите две позиции во групата со по осум бодови.
Причина поради која Исланд е разочаран што не е во полуфиналето е начинот на кој Франција ја победи Данска, а Галските петли успеаја да си обезбедат место меѓу најдобрите четири селекции.
Данска поведе против Франција со 3:0 и постојано имаше контрола на резултатот, а на полувреме водеше со 17:12. Во второто полувреме, Данците ја држеа предноста од пет гола (27:22), но тогаш започна чуден пресврт. Французите не само што ја намалуваа предноста, туку пред крајот стигнаа и до 28:28. Данска поведе со 29:28, а во финишот Франција постигна два гола и на крајот победи со 30:29. Тоа беше прво и единствено водство за Франција на овој меч, но на крајот доволно и за да победат.
Исландската спортска јавност не може да верува на кој начин Франција победи и на тој начин нивната селекција остана без полуфинале.
„Ова е тажен резултат за Исланд. Ќе играме против Норвешка за петтото место. Данска водеше речиси цело време, имаа и предност од пет гола“, објавува весникот Моргунбладид.
Во анализата на весникот Фратебладид несфатливо им е како Данците загубиле предност од пет гола само на 13 минути пред крајот.
„Данска имаше сè во своите раце, но успеа да ја испушти победата. Водеа речиси во текот на целиот меч, а на крајот загубија. Поради тоа нема да играме во полуфиналето. Данска водеше со пет разлика на 13 минути пред крајот, но на крајот загуби“, стои во натписот во Фратебладид.