Македонскиот фудбалски репрезентативец Исник Алими официјално се раздели со романски Сепси и ја продолжува својата кариера во кинескиот клуб Далијан Јингбо.
Алими, кој имаше одлични настапи во Сепси и за македонската репрезентација, доби примамлива понуда од Кина, која не можеше да ја одбие, па реши да направи преселба на Далечниот Исток.
„Со ова официјално потврдуваме дека Исник Алими ќе продолжи со својата кариера во кинескиот клуб Далијан Јингбо. Му благодариме за неговиот труд и успех во дресот на Сепси и му посакуваме сѐ најдобро во иднина“, истакнаа од Сепси.
Алими во кариерата беше дел и од Габала, Шибеник, Римини, Виченца, Форли и Аталанта, а играл и за Лумецане, Киево и Новиград.