Македонија ја забележа првата победа на големите натпреварувања, а за одбојкарска историја ќе остане денешниот ден по триумфот од 3:1 против Белорусија.
Нашите репрезентативци се бореа како лавови, не потклекнаа ниту по загубениот прв сет со 25:23 и успеаја да ги освојат првите бодови на турнирот во Словенија.
Се разиграа во продолжението, а веднаш возвративме со 25:19 за израмнување. Клучен и највозбудлив беше третиот сет, а имавме и доза на среќа, кога по прегледување на снимката, ни беше досуден поен во самиот финиш при резултат 26:25 за Белорусите.
Тоа им даде дополнителен стимул на избраниците на Никола Матијашевиќ, а драмата во третиот сет ни припадна со 29:27.
За првпат водевме на ЕП во четвртиот меч на турнирот во Словенија и успеавме да стигнеме и до победа. Историска за нас на ЕП, а последниот сет беше само рутина за Ѓоргиев, Љафтов и останатите македонски јунаци. Ја потврдивме победата со 25:20 во четвртиот сет.
Никола Ѓорѓев со неверојатни 37 поени нѐ предводеше до историски успех, а во фазата по групи ни останува уште мечот со домаќинот Словенија.