Женската репрезентација во ватерполо на Јужна Кореја, која се прослави во светот откако против Унгарија прими неверојатни 64 гола на Светското првенство кое се одржува во нивната земја, денеска има слободен ден, а мажите од оваа азиска земја во дуелот со Грција дадоа каков-таков отпор и загубија со 3-26.
Иако и ова е дебакл, сепак, во Кореја се радуваат што успеале да постигнат голови, нивни први во историјата на светските првенства. Нашиот јужен сосед на полувреме водеше со 14-0, а потоа им дозволи на Корејците малку да се порадуваат. Ким Мун Со е играчот кој го даде првиот гол за Јужна Кореја.
Наредниот меч за Јужна Кореја е против Србија, која е меѓу фаворитите за златото. Србите одиграа 10-10 во балканското дерби против Црна Гора.