Историјата на ЕП не памти вакво нешто: Ги загубија првите два меча, а сега се фаворити за пласман во полуфинале

Ретко кој веруваше и предвидуваше дека Данска и Чешка ќе играат во меч за пласман во полуфиналето на Европското првенство. Тоа дури беше и неверојатно ако се знае дека Данците очајно го започнаа шампионатот и изненадувачки беа поразени од Финска со 1:0, а потоа во второто коло загубија и од Белгија со 1:2.

Сепак, Данците не ги загубија шансите и со убедливата победа во третото коло против Русија од 4:1 стигнаа до второто место во групата, додека Финска и Русија кои исто така имаа по три бода, беа елиминирани во групната фаза.

Со убедлива и ефикасна игра Данска продолжи и во осминафиналето, каде за противник го имаа Велс, победувајќи го со високи 4:0. Едноставно тимот кој загуби во првите две кола, сега блеска, па дури и во четвртфиналето против Чешка ја има улогата на фаворит. Традицијата на овие две селекции вели дека често играат „тврди“ и неизвесни мечеви со малку погодоци, па во пет од последните шест меѓусебни средби било нерешено (три пати одиграле 1:1, а два пати било 0:0).

Данска денеска е во поход да стане првата репрезентација која стартувала со два порази, а потоа успеала да стигне до полуфиналето. И низ историјата на Европските првенства, Данска ја има испишано најневеројатната приказна. Тоа се случи во 1992 година, кога оваа репрезентација воопшто не обезбеди учество на завршницата, но откако СФР Југославија беше суспендирана од турнирот, Данска влезе како резервна варијанта. Тогаш, репрезентацијата која не требаше да биде дел од континенталниот собир одигра фантастично и на крајот се закити со европската титула.

Сега Данците испишуваат нова неверојатна приказна, а останува да видиме дали Чешка ќе успее да им застане на патот.

 

- Оглас -

Најнови вести