Хаити се радува на првото полуфинале на Голд купот, историско за нив по победата од 3:2 против Канада, а ќе има можност дури и да стаса до мечот за титула, ако го елиминира Мексико.
Двете четвртфиналиња што се одиграа ноќеска беа возбудливи, а вистински подвиг со голем пресврт и триумф против Канада приредија фудбалерите на Хаити.
Канаѓаните водеа со 2:0 по првото полувреме со головите на Дејвид и на Кавалини, но една грешка во одбраната ги чинеше скапо.
На почетокот на второто полувреме Годињо и голманот на Црвена Звезда Милан Борјан не се разбраа најдобро, а киксот го искористи Најзон и намали на 1:2.
Потоа се случи и чудо и комплетен пресврт на аутсајдерот со головите на Базиле од пенал и на Герие по одличната асистенција на Најзон.
Мексико го слави одличниот голман Хилјермо Очоа, кој одбрани клучен удар од белата точка во пенал серијата против Костарика. Голманот на Стандард Лиеж беше поуспешен од Фулер во шестата серија, па Мексико повторно ја елиминира Костарика во нокаут фаза на Голд купот.
Претходно во регуларниот дел Меискиканците поведоа со погодокот на Раул Хименес во 44. минута, а израмни Брајан Руиз од пенал за Костарика.