Италијанската фудбалска репрезентација на Европското првенство ќе замине како бранител на континенталниот трон. Аѕурите секако повторно ќе бидат меѓу фаворитите за највисок пласман, а селекторот Лучано Спалети уште не го соопштил составот на играчи кои ќе ги поведе на овој турнир.
Италијанските медиуми тврдат дека на списокот на Спалети ќе се најде и Николо Фаџоли кој има 23 години и е еден од оние играчи кои треба да бидат иднината на италијанскиот фудбал. Фаџоли е играч за врска кој игра за Јувентус, но сезонава на теренот помина само 360 минути.
Тој беше суспендиран на седум месеци откако беше докажано дека се обложувал, што е недозволено. Суспензијата истекува точно пред стартот на ЕП и се очекува Спалети да го повика Фаџоли во составот на Италија за настап на континенталниот собир.