Италијанците размислуваат за уникат – Првенството да заврши во две различни сезони

Првенството што во Италија е прекинато и тешко ќе продолжи во догледно време поради епидемијата со Коронавирусот, може да биде уникатно и да зафати две различни сезони за да се дојде до новиот шампион во Калчото.

Ваква можност најави Габриеле Гравина, претседателот на Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) во интервју за „Радио Раи 1“.

„Ако не е можно шампионатот да заврши во одреден нормален рок, тогаш можно е да донесеме одлука да се игра подоцна и да зафати период на две натпреварувачки сезони. За жал, не очекувам Серија А повторно да почне да се игра во април поради ситуацијата во Италија, која е драматична со Коронавирусот. Најавивме можност и да го замрзнеме шампионатот и да нема првак, потоа да се игра плејоф и плејаут, но тие варијанти не ги прифаќаат клубовите. Ќе видиме што ќе се случи и како ќе се развива ситуацијата со вирусот, а секако сакаме да донесеме најдобра одлука во полза на играчите, клубовите и на публиката“, изјави Гравина.

Италија е најпогодената земја со Коронавирус и има најмногу заболени и жртви, а речиси целата земја е во таканаречената црвена зона, или во услови на домашен карантин.

- Оглас -

Најнови вести