Италијанската фудбалска репрезентација на 17 ноември против за нив незгодната Македонија игра многу важен меч од квалификациите на ЕП 2024, а иако останува уште неполн месец до одигрувањето на тој меч на „Олимпико“ во Рим, социјалните мрежи веќе „горат“.
Италијанските твитерџии им фаќаат сеир на Аѕурите, бидејќи знаат како си помина Италија на последните два дуела против Македонија, а особено ги боли оној за нив шокантен пораз во Палермо во баражот за пласман на СП 2022.
„Италија решавачкиот меч го игра со Македонија. Честитки“, е една од зајадливите објави, а на сликата се сегашниот и поранешниот селектор на Италија.
„Се сеќаваш на мене, Италија? Македонија“, е објава која треба да значи плашење на Италијанците од следниот противник, и со право.
Има и фотографија од расплакана жена со опис: „Кога Италија дозна дека за да се пласира треба да ја победи Македонија“.
„Здраво Италија, убаво е што повторно ќе се видиме“, е објава со македонското знаме во заднина.
Очигледно е дека се плашат, и тоа со право. За Италија е добро што и да киксираат против Македонија, сепак може да одат на ЕП, но ќе мора да ја победат Украина во Леверкузен.