Италијанците во 2024 се кобни за Ѓоковиќ, вечерва Мусети ќе го предизвика Србинот

Оваа сабота можеби фокусот е кон финалето на ЛШ, но секако дека тениските вљубеници ќе го испратат и настапот на Новак Ѓоковиќ. Србинот ќе го одигра мечот од третото коло на Ролан Гарос против Италијанецот Лоренцо Мусети. Тоа ќе биде нивни шести меѓусебен дуел, почетокот е не порано од 20.15 часот, а Ѓоковиќ води со 4:1, кога се победите во прашање.

Новак Ѓоковиќ не може да се пофали со одлични игри во 2024. Сѐ уште не успеал да освоил титула, мотивацијата не му е на завидно ниво, постојано мора да се форсира надвор од сопствените граници за да одигра најдобро што може.

Иако од доаѓањето во Париз веќе неколку пати повтори дека, за разлика од учеството на другите турнири, сега мотивацијата му е на високо ниво, неочекуваните порази на претходните турнири ја подигнаа самодовербата кај послабите играчи да се надеваат дека можат да го победат.

За разлика од Карбалес Баена кој веруваше дека има шанса да го победи Новак на земјена подлога – Лоренцо Мусети, денешниот ривал на Ѓоковиќ, веќе еднаш го победи Ноле на најбавната подлога, но во два сета.

Минатата година победи против Ѓоковиќ во Монте Карло со 4:6, 7:5, 6:4 и пред новиот дуел се надева дека повторно би можел да го земе скалпот на најдобриот во светот и исто како и неговите сонародници да биде фатален за Новак.

Очигледно е дека во 2024 година Ѓоковиќ има „проблем“ со Италијанците кои го победија и на Австралија опен и во Индијан Велс. Во Мелбурн беше победен од Јаник Синер, вториот тенисер во светот, додека во Индијан Велс доживеа пораз од Лука Нарди.

„Ноле е секогаш Ноле, особено на гренслем турнирите. Играњето три сета против него е секогаш авантура. Имав 19 години кога бев блиску да го победам Ѓоковиќ овде, се надевам дека ќе можам да го искористам тоа за да одам понатаму“ – изјави Музети за италијанските новинари во Париз.

Ѓоковиќ и Мусети имаат „минато“ на Ролан Гарос бидејќи веќе еднаш се сретнаа во Булоњската шума и беше крајно тензично бидејќи Ноле ги загуби првите два сета, а во петтиот по голема борба Италијанецот мораше да се откаже од дуелот. Тогаш беше 6:7, 6:7, 6:1, 6:0, 4:0 во моментот на предавањето на Мусети.

„Новак е роден борец. Тој е особено опасен кога игра до три освоени сета. Добро се познаваме, ќе биде задоволство да играм против ривал од негов калибар. Нема поголем предизвик во тенисот од играњето против Ѓоковиќ“, истакнува Мусети.

- Оглас -

Најнови вести