Италијанците знаат: Пандев во Џенова е исто како Роналдо во Јувентус

Горан Пандев е еден од најдолговечните фудбалери во Серија А. Капитенот на нашата фудбалска репрезентација за 20 дена ќе наполни 37 години, но покажува дека уште е незадржлив во италијанското првенство. Пандев синоќа на гостувањето кај Удинезе беше најзаслужен што неговиот тим си замина непоразен.

Џенова губеше so 2:0, но Пандев знаеше дека тоа не значи дека е крај. По еден одличен продор и со шут од околу 20 метри, македонскиот голгетер погоди за намалување на предноста на Удинезе и го најави ремито за кое подоцна се изборија гостите. 

Иако не е стартер во Џенова, Пандев со осум гола е главен адут во нападот на тимот кој се бори за опстанок. Познатиот италијански новинар Сандро Сабатини направи одлична споредба за тоа што значи Пандев во играта на Џенова. Сабатини го спореди Пандев со Кристијано Роналдо.

„Горан Пандев е вистински шампион. Тој е човекот за пресврт во вашиот тим. Пандев, едноставно, за Џенова е тоа што е Кристијано Роналдо за Јувентус“, вели во својата анализа Сабатини.

По 30 одиграни кола, Џенова е на 17-тото место на табелата, последно кое носи опстанок во Серија А и има само два бода повеќе од Лече, кој е во зоната за испаѓање. Во следното коло Џенова на свој терен ќе го пречека Наполи, во чии редови игра репрезентативниот колега на Пандев, Елиф Елмас.

 

- Оглас -

Најнови вести