Поранешниот фудбалер на Барселона Едгар Ие е обвинет за измама. Овој 30-годишен играч е осомничен дека на негово место го испратил својот брат близнак Еделино Ие, кој исто така е професионален фудбалер, да игра за Динамо Букурешт.
Ова го објави познатиот романски спортски новинар Емануел Рошу. Ие, кој е репрезентативец на Гвинеја-Бисао, пред една деценија имаше и еден настап за Барселона кога тренер беше Луис Енрике, а потоа играше за Виљареал, Лил, Феенорд, Нант, Трабзонспор, Истанбул Башакшехир, по што се приклучи на Динамо Букурешт.
Сомнежите ги зголемува фактот дека централниот дефанзивец не зборува англиски и одбил да ја покаже возачката дозвола. Во Динамо се убедени дека Едгар Ие знае англиски.
Доколку се потврди невидената измама, Динамо би можело да ги загуби осумте бода што ги освои со Еделино Ие во составот на пет натпревари, иако клубот е насамарен и не знаеле дека се излажани, па и немаат вина. ДНК-тест би можело да се искористи за да се потврди идентитетот.
Ие потпиша за Динамо пред три месеци, а во клубот биле изненадени што тој не знае англиски, туку комуницира само на португалски, иако играл во повеќе земји низ Европа.