Холанѓанецот Арне Слот ги одбројува последните месеци на клупата на Ливерпул. Тој речиси сигурно ќе добие отказ на крајот од сезоната. Чаби Алонсо е прв кандидат за негов наследник, но се појави и уште едно изненадувачко име, Себастијан Хенес.
Слот со тимот што му го остави Јирген Клоп успеа да ја освои титулата во Англија. Сепак, Холанѓанецот нема да успее да ја одбрани, а игрите на неговиот тим се далеку под очекувањата.
Само прашање на време е кога ќе добие отказ. Речиси сигурно ќе замине на крајот од сезоната.
Раководството на клубот од „Енфилд“ веќе активно бара нов менаџер. Очекувано, Чаби Алонсо е главна опција и преговорите со него се во тек.
Сепак, во игра влезе и уште едно интересно име. Ливерпул покажува интерес за актуелниот тренер на Штутгарт, Себастијан Хенес.
Четириесет и тригодишниот стратег врши одлична работа со Швабите. Напаѓачкиот фудбал што го практикува е ценет низ Европа, па затоа се најде меѓу кандидатите за нов менаџер на Црвените.
„Раководството на Ливерпул го разгледува Себастијан Хенес како замена за Арне Слот. Тренерот на Штутгарт го издигна тимот од борба за опстанок до пласман во Лигата на шампионите и освои прв трофеј по 2007 година“, пренесуваат локалните медиуми од Ливерпул.
Хенес минатата година беше и кандидат за тренер на Баерн Минхен, но Баварците на крајот се одлучија за Венсан Компани, избор кој засега се покажува како успешен.
Германскиот стручњак остана во Штутгарт, каде што и оваа сезона бележи добри резултати и се бори за место во елитното европско натпреварување.
Себастијан Хенес е тренер кој преферира офанзивен стил на игра, со доминација преку посед на топката и интелигентно движење на фудбалерите. Под негово водство Штутгарт игра динамичен и разновиден фудбал, со многу играчи вклучени во завршницата, што очигледно го привлече и вниманието на челниците на Ливерпул.

