Израелските спортисти нема да учествуваат на претстојното Светско првенство во гимнастика во Џакарта откако Судот за спортска арбитража (ЦАС) денеска ги одби привремените мерки кои беа побарани во жалбата.
Минатата недела индонезиските власти им ги поништиле визите и им забраниле на израелските гимнастичари влез во земјата поради војната во Газа.
Поради тоа, Израелската гимнастичка федерација побара од ЦАС да ја принуди Меѓународната гимнастичка федерација да обезбеди учество на израелската репрезентација на Светското првенство или да го премести или да го откаже натпреварот.
Судот во Лозана денеска ги одби овие барања.
Светското првенство во гимнастика ќе се одржи од 19 до 25 октомври во Џакарта.
Индонезија нема формални дипломатски односи со Израел, а јавното мислење во оваа земја, една од најнаселените во муслиманскиот свет, силно го поддржува палестинското прашање.
Инаку, во март 2023 година Индонезија го изгуби правото да го организира Светското првенство во фудбал за играчи до 20 години откако бројни политичари и спортски здруженија се спротивставија на учеството на израелската репрезентација.