Вардар против Брера и Шкендија во дуел против Струга ТЛ се полуфиналните двојки кои беа денеска извлечени во просториите на ФФМ. Првите мечеви се закажани за 9 април (среда). Со оглед на моменталната форма и квалитетот на екипите, јасно е дека Брера е аутсајдер во ова друштво, но Куп мечевите секогаш знаеле да донесат и изненадувања.
Од четирите полуфиналисти, Струга ТЛ е единствена без трофеј во Купот. Стружани имаат едно финале, кое го загубија во 2023 година од Македонија Ѓорче Петров.
Вардар е рекордер со пет титули во Купот, но Црвено-црните последен пат на овој пехар се радувале пред речиси 20 години, односно во 2007 година. Шкендија во своите витрини има пехари од Купот освоени во 2016 и 2018 година, а Брера под името Академја Пандев беше најдобра во најмасовното фудбалско натпреварување кај нас во 2019 година.