Ја потсетија Барса пред „Ел Класико“: Место Модриќ купивте фудбалер што игра во Џибути

Лука Модриќ повторно ќе биде моторот во играта на Реал Мадрид, на новото „Ел Класико“ против Барселона, утре од 21 часот, а шпанскиот дневен весник „Ара“ потсети на утката на Каталонците во 2012 година, кога не го купија хрватскиот репрезентативец.

Потсетуваат дека Лука како дете бил голем навивач на Барса, а во 2012 година наместо во Барселона, замина за Мадрид во Реал, од Тотенхем за сума од 35 милиони евра.

Новинарите на најчитаниот каталонски дневен весник „Ара“ потсетуваат дека тогаш Барселона имаше моќен среден ред со Чави и Иниеста како лидери и со Бускетс, Фабрегас, Тијаго Алкантара, но и дека истата година наместо Модриќ го купија Алекс Сонг од Арсенал за 20 милиони евра.

Сонг не покажа ништо во Барса и сега игра во клуб од Џибути во Африка.

„Имаме потврдена информација од тогашното раководство на Барселона дека го следеа развојот на Модриќ како фудбалер и сакаа да го купат, но се откажаа поради големата конкуренција во средниот ред. Но, потоа го купија Сонг, кој сега игра во Џибути.

А, Модриќ се уште е еден од најдобрите играчи на светот. Во каква форма игра на 36-годишна возраст, фантазија е да ја гледате неговата магија на терен“, пишуваат новинарите на „Ара“.

Утре Модриќ повторно ќе командува со средината на теренот во дресот на Реал Мадрид во ново „Ел Класико“ против Барселона, што ќе се игра на „Сантијаго Бернабеу“ од 21 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести