Еден од најдоминантните клубови во Европа, кога се работи за домашниот шампионат, е тимот на Шериф Тираспол. Во 21 век, во витрините на овој клуб има 21 шампионска титула, но оваа сезона остана со „празни раце“.
Чудо е кога Шериф нема да ја освои титулата во Молдавија, а овојпат тоа чудо е уште поголемо поради начинот на кој гигантот остана без трофејот. Во текот на цела сезона, Шериф немаше ниту еден пораз во 24 кола, но поради системот на натпреварување, остана без пехарот и заврши дури на третото место.
Екипата на Милсами е нов шампион на Молдавија. Овој тим имаше шест порази сезонава, но на крајот се радуваше на пехарот. Сето ова се случува поради бизарниот систем на натпреварување.
Најтрофејниот клуб во Молдавија регуларниот дел од првенството го заврши дури со 15 бода повеќе од конкуренцијата. Сепак, тоа не значеше ништо затоа што по завршување на основниот дел од првенството, се формира Суперлига на Молдавија, во која учествуваат најдобрите осум екипи, а резултатите кои се постигнати во првиот дел од сезоната се поништуваат и сите екипи почнуваат од нула.
Интересно е дека Милсами во регуларниот дел од сезоната беше дури на петтото место. Сепак, во плејофот Милсами одигра одлично и имаше шест победи, три нерешени и еден пораз, доволно за да освои 21 бод и да биде шампион. Шериф заврши со пет победи, пет нерешени и со 20 бода. Со 20 бода заврши и тимот на Зимбру.
„Утешна“ награда за Шериф може да биде трофејот во Купот затоа што на 24 мај ќе играат во финалето, а ривал ќе им биде токму тимот на Милсами.