Ја знаете ли приказната како Данска стана европски првак и зошто Македонија сега е во слична ситуација?

Светското ракометно првенство започнува утре, во Египет, а Македонија денеска и официјално доби потврда дека ќе биде дел од завршницата. Нашата ракометна репрезентација не се избори за место на планетарниот собир, но беше „прва резерва“ во случај некоја селекција да го откаже својот настап.

Тоа се случи денеска. Од Чешка стигна потврда дека оваа земја не може да состави репрезентација за настап и мора да го откаже учеството. Македонија на готовс чекаше ваков расплет и сега нашите ракометари се пакуваат за настап на СП.

Ова ќе биде прво Светско првенство на кое ќе има дури 32 селекции, а не како што беше досега, кога имаше 24. Вкупно ќе има осум групи со по четири селекции, а во следната фаза ќе поминат трите од секоја група. Потоа се формираат четири главни групи, во кои првопласираните две ќе обезбедат место во четвртфиналето. Македонија има сили за место во главната група, а потоа сè е можно.

Овој повик на Македонија во „пет за 12“ за настап на завршница на големо натпреварување потсетува на фудбалското чудо од пред 29 години. Данска не обезбеди место на Европското првенство во Шведска, но во последен момент доби повик откако селекцијата на СФР Југославија беше дисквалификувана поради воената состојба во земјата.

Некои од данските фудбалери мораа да се вратат од своите летни одмори за да се соберат и да отпатуваат на ЕП, а таму се случи чудо. Данска, која не требаше да биде дел од завршницата, на крајот стана европски првак. Во групната фаза ги елиминираше Франција и Англија, а потоа во полуфиналето на пенали ја победи и Холандија, која беше континентален владетел. Во финалето Данска со 2:0 ја победи и Германија за едно од најголемите чуда во светот на фудбалот.

Сега времето е друго. Тогаш на ЕП имаше само осум селекции, а сега на ракометниот Мундијал има 32 селекции. Сепак, тоа што засега е заедничко е дека ни Данска ни Македонија не требаа да бидат дел од завршницата, а сепак се најдоа на големите турнири.

На ред е Македонија да покаже колкаво чудо може да направи на Мундијалот во Египет!

 

- Оглас -

Најнови вести