Сопственикот на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос, уште еднаш ја крена тензијата во кошаркарската јавност со серијата објави на Инстаграм по поразот од Ефес во Истанбул (85-82). Контроверзниот газда на Зелените од Атина, познат по своите неконвенционални и често вулгарни изјави, овојпат ја обвини Евролигата дека останала „мафија“.
„Бевте мафија и останавте, ама ќе престанете да бидете мафија“, порача Јанакопулос, директно обраќајќи се до челниците на натпреварувањето.
Ова не е првпат Јанакопулос да се нафрли на судиите и раководството на Евролигата. По поразот во Атина во вториот натпревар од плејофот, тој ги прозва и тројцата главни арбитри: Јавор, Радовиќ и Пукл, со провокативна порака.
Not only Ergin Ataman. Also Dimitris Giannakopoulos is on fire… pic.twitter.com/HepgdiXXYj
— Alessandro Luigi Maggi (@AlessandroMagg4) May 2, 2025
Јанакопулос не ги поштеди ни директорот за судии на Евролигата Даниеле Јерезуело и претседателот Дејан Бодирога.
„Даниеле и Дејане, дојдете во ОАКА да го гледате натпреварот. Сигурно е важен, нели?“, заврши со ироничен повик.
Покрај Јанакопулос, поразот тешко го поднесоа и играчот Џеди Осман и директорот за комуникации на Панатинаикос, Димитрис Контос. Натпреварот во Истанбул заврши со тензичен финиш и вербални пресметки меѓу тренерот на Ефес, Ергин Атаман, и дел од домашните навивачи – поранешни негови обожаватели.
Решавачкиот петти натпревар за пласман на Ф4 во Абу Даби ќе се игра во вторник од 20:45 часот во салата ОАКА, а се очекува вистинска „џунгла“ и на теренот и на трибините.